Граѓанското движење што ќе земе учество на следните парламентарни избори, ќе понуди нови реално остварливи политики со нов кадровски потенцијал на ниво на државата во сите градови и општини, вели во изјава за неделникот „Фокус“ кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
– Ќе има место за сите што сакаат да дадат свој придонес во нивната реализација, но првенствено луѓе од теорија и пракса, без претходни опашки во политичкото и во општественото дејствување. Еден од нашите приоритети ќе биде бескомпромисна борба со корупцијата, повисок економски раст и алтернативи за енергетска независност на државата – вели Димитриевски.
Тој посочува дека целиот концепт ќе биде по примерот на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“. Како што објаснува, првично ќе ја мултиплицираат по другите градови низ државата, а подоцна тие ќе бидат иницијатори за формирање на движењето.
–Немам досега разговарано за можни соработки и за формирање идни сојузи, ние планираме првенствено да бидеме во функција на граѓаните, во ниту еден случај на политички партии, а најмалку на поединци. Големо фајде од партиите во последните три децении граѓаните не почувствуваа, освен безброј афери и нагло осиромашување – истакнува Димитриевски.
Откако не ја доби поддршката од СДСМ за втор градоначалнички мандат, Димитриевски на последните локални избори настапи и победи како самостоен кандидат, а најавува настап и на следните парламентарни избори.
Целиот текст за можните политички иницијативи и проекти надвор од двете големи коалиции прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ