Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во вечерашното гостување во „24 Анализа“ на телевизија 24 во однос на законите за „Бехтел и Енка“ истакна дека повеќе е од сигурен дека истиот проект ќе биде предмет на истрага, а веќе следната година ќе има нова власт и ќе биде неминовно да се направи истрага.
-Овој проект дефинитивно ќе направи купишта пари коишто на крај ќе завршат во приватни џебови. Тоа времето ќе го покаже, повеќе од сигурен сум во тоа. Екстремно коруптивен проект којшто за жал доведе во непријатна состојба и многу еминентни компании, но и многу дипломати. Повеќе од сигурен сум дека овој проект ќе биде предмет на истрага, можеби не во моментот додека владее ова парламентарно мнозинство, работите во иднина многу брзо ќе се сменат.
Веќе следната година ќе имаме нова власт и ќе биде неминовно да се направи истрага. Она што многу повеќе ме загрижува е човекот на којшто јас лично му дадов своевремено поддршка господинот Пендаровски којшто е наш претседател, и мој, и ваш, и на сите нас. Имаше историска шанса барем за момент да го спречи ова и да не ги потпише законите, но тој тоа не го стори.
Јас лично очекував барем да се одважи во овој момент, но очигледно е дека игра под диктат. И факт е дека овој договор е штетен за државата, затоа што Македонија ја трансформира од финансиски полузависна за неколку години во финансиски целосно зависна, рече Димитриевски.