Димитриевски: Се тестирав во неделата како редовна процедура, уморен сум од кампањи на одредени политичари

by Frosina Fakova

Градоначаникот на Куманово кој денеска преку својот Фејсбук профил соопшти дека е позитивен на корона вирусот, попладнево се појави на видео врска на вестите на телевизија 24, иако Фокус цел ден се обидуваше на стапи во контакт со него. Тој соопшти дека цел општински кризен штаб се тестирал по втор пат во неделата како дел од препораките на теренски епидемиолози и дека вториот тест бил позитивен за него и уште пет други членови.

-Добро се чувствувам, премногу заморен од политиката, бидејќи политиката не остава простор на професионалците да си ја вршат работата. Ние во општинскиот кризен штаб кој функционира веќе еден месец, постапуваме по препораките на теренските епидемиолози. Уште првиот ден кога започна штабот со работа, веќе на втората седница дојде епидемиологот, ни измери температура и ни рече „се извинувам морам да ви направам тестирање затоа што такви се процедурите“. Ни беше земен брис и првите резултати на сите членови на штабот и сите придружни членови на штабот беа негативни. Во меѓувреме добивме информација дека член на семејството на член на штабот е позитивен, тој истиот беше ставен во карантин, чиј карантин беше завршен, но во меѓувреме повторно теренскиот епидемиолог, во неделата ни зеде брис и денеска ги добивме резултатите. Имаме пет позитивни членови на штабот, не десет како што се зборува, штабот функционира некои од дома некои активно. Инаку јас имам свој заменик кој ќе биде присутен, додека сум во изолација. Сега сум дома, во посебна просторија, рече Димитриевски.

Тој засега нема симптоми на вирусот, освен хроничниот алергиски синуситис. На граѓаните им порача дека треба да бидат посвесни за своето здравје, да одржуваат социјална дистанца. Освен него, позитивни на новиот вирус биле и дел од луѓето од тимовите кои вршат дезинфекција, од противпожарната служба, луѓе кои работат во општината. Тој вели дека останува на барањето да се спроведе делумен карантин во Куманово и да функционира само стопанството.

Порача дека одредени политичари си прават пи ар кампања на ситуацијата и дека има големо разногласие во медиумите во однос на корона вирусот.
-Уморен сум од политиката затоа што слушам безброј шпекулации, безброј прес- конференции, гледам безброј пи- ар кампањи на одредени политичари кои ги користат овие моменти и искрено многу сум разочаран како човек кој се занимава со политика.  Но мојата првична цел е да се избориме со короната, сега треба да бидеме обединети сите на исто место, против исто зло. Го слушнав пресот на опозиционата партија, во ниту еден момент немало злоупотреба на општинскиот штаб на било каков ресурс. Имаше помош од многу семејства, донираше семејството на Заев во Куманово, слободно може да дојде да донира и семејството на Мицкоски. Нека донираат сите политички партии. Секој се обидува да собере максимални политички поени. Треба максимално единство. Да ги оставиме епидемиолозите да работат, а не демагозите. Има разногласие од стручната фела, еден треба да носиме маска, друг не треба. Треба максимално да се внимава на изјавите, да се насочи народот кон една насока, порача Димитриевски.

Вчера во Куманово на средба со Димитриевски беа, техничкиот премиер, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче, вицепремиерот Бујар Османи и други функционери кои од денеска се во самоизолација.

Поврзани новости