Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски планира да подигне споменик на американската компанија „Келог, Браун и Рут“ (КБР), затоа што дала најголем придонес за развој на градот и последната деценија на кумановци кои работеа во Ирак и Авганистан им исплатила над 1 милијарда евра, објави порталот Сакам да кажам.
Споменикот би се поставил догодина во паркот кај затворениот базен, на 500-годишнината од создавањето на Куманово.
„Американската компанија КБР има инкасирано во градскиот буџет повеќе од една милијарда евра, како најголем работодавач. Општината нема поголем партнер од таа компанија. Знаете дека има голем број на наши сограѓани кои работат за таа компанија и сметам дека во предвечерието на 500 години постоење на Куманово, нашиот град може да излезе со еден добар позитивен гест и да постави спомен обележје во рамки на едно убаво идејно решение“, изјави Димитриевски на денешната седница на Совет.
Градоначалникот својот предлог ќе го достави пред советниците на една од наредните седници.