Димитриевски: Предлогот на СДСМ за лидерска средба е ловење на политички поени

by Fokus

Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски не се согласува со предлогот на СДСМ за лидерска средба, по повод безбедносната состојба во земјава, по последните инциденти и сквернавењето на македонското знаме при прославата на Денот на албанското знаме на 28.ноември. Според неговите зборови, најавена е средба меѓу владеачките партии.

-Знам дека ние ќе имаме лидерска средба на ниво на владеачка коалиција за да поразговараме на сите теми. Ова што доаѓа како предлог од СДСМ е класично политичко лицемерие и ловење на политички поени. До вчера беа на власт и видовме како ловеа власт. Низ цела Македонија се развиорија споменици на УЧК и албанската заедница и не се преземаше ништо. Оваа власт нема намера така да функционира, кажа меѓу другото Димитриевски во вестите на Тв Сител.

Како што посочи претседателот на ЗНАМ, средбата меѓу лидерите на владеачките партии, премиерот најверојатно ќе ја свика во декември.

-ЗНАМ е владин партнер и за партиципирање во власта има разговарано само со ВМРО-ДПМНЕ. Ги имаме усогласено политиките. Немаме разговарано со ВЛЕН и се надевам во следниот период отворено ќе седнеме и ќе разговараме, како и за истакнувањето на државните симболи, кажа Димитриевски.

За изборот на новото раководство на СДСМ, градоначалникот на Куманово вели дека „нема простор за соработка со ваков СДСМ и ЗНАМ“. Според него, СДСМ не е променет ниту за милиметар.

-Почитувам голем број луѓе во таа партија и израснав во таа партија. Ќе подадеме рака на секој кој ќе ни се придружи, но ова управување на партијата преку далечинско…Првин треба да ги променат сите членови на Собранието. Јас им посакувам успех и среќа на сите планови, но многу се блиску до патот на грчката ПАСОК, оценува претседателот на ЗНАМ.

Поврзани новости