Максим Димитриевски, актуелниот градоначалник на Куманово, порача дека ќе направи се за, како што рече, суштински да ја промени СДСМ, која го исклучи од членството откако објави независна кандидатура за уште еден мандат. Според него, голем број на членови не се согласуваат со политиките на раководството.
-На последниот конгрес имавме заклучок дека токму различноста во партијата ќе се негува, а видовме со пример како се негува денеска таа различност. Јас ќе направам се да ја променам суштински самата партија одвнaтре, заедно со членовите, бидејќи има голем број на членови коишто не се сложуваат со ваквите политики на актуелното раководство или на поединци коишто го имаат узурпирано актуелното раководство, а на коишто претседателот Заев им прави во континуитет отстапки. На што се должи тоа, самиот ќе треба да објасни -рече Димитриевски.
Тој додаде дека заедно со граѓаните во Куманово оди на голема победа за да ја врати „суштината на социјалдемократската мисла и идеја“.
– Онаа што е најбитна во секоја партија, тоа е идеологијата и суштината, а не лукративниот пристап и клиентелизмот, дворските игри или византиските игри и сите оние останати работи кои што се типични за Балканот, но за жал не се практикуваат повеќе во повеќето модели во државите во Европа и во светот – истакна Димитриевски.