Пријавени први случаи на ученици заразени со Ковид-19

by fokus

На вториот училишен ден од почетокот на наставата со физичко присуство веќе се пријавени првите случаи на деца позитивни или сомнителни на корона вирус. Официјално потврден позитивен случај на дете заразено со ковид има во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром.

Како што ни изјави директорот на училиштето Марјан Јовановски, во нивното училиште едно дете од петто одделение е позитивно на Ковид-19. Детето било вчера на училиште, вечерта развило симптоми, а неговите родители го пријавиле случајот во училиштето. Управата го пријавила случајот во Центарот за јавно здравје и според проценка на епидемиолозите во 14 -дневна изолација заминуваат децата од класот кои не се вакцинирани, а тоа се повеќето од децата. Настава со физичко присуство остануваат да следат децата кои имаат потврда за прележан Ковид и наставничката која е вакцинирана. Другите ученици наставата ќе ја следат онлајн.

Според неофицијални информации на Фокус, позитивен случај на Ковид-19 пријавен е и во седмо одделение во основното училиште „Песталоци“ во Центар и во осмо одделение во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром. Медиумите јавуваат и за други сомнителни и позитивни случаи.

Од Министерството за здравство велат дека пријавени се неколку сомнителни случаи за кои во тек се епидемиолошки анкети и проценка колку деца и наставници ќе одат во изолација. Подетални информации за тоа колку позитивни деца има во училиштата најавуваат за утре.

Од Министерството за образование и наука пак воопшто не даваат информации дали има пријавено заразени ученици во училиштата. Тие цитираат дел од протоколот за постапување.

-Согласно планот и здравствените протоколи по кои се постапува при организирање на наставата со физичко присуство, ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.

Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и потоа се носи одлука дали сите ученици во одделението ќе заминат во изолација и ќе продолжат со настава на далечина, велат од МОН.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости