„Од осамостојувањето на независноста на Македонија, на власт се менуваат две политички елити, предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Практично ние живееме во еден црно-бел свет.
Граѓаните се заситени од постоечките политички субјекти, сакаат да се приклучат на движења кои ќе бидат „од граѓаните за граѓаните“, како што е движењето „За наше Куманово“ – со јасна визија, програма и проекти за развој на Куманово“.
Ова го истакнува градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за српскиот медиум „Политика“.
Димитриевски потенцира дека добил доверба од граѓаните, кои јасно покажаа дека се разочарани од актуелните политички партии.
„Ова граѓанско здружение прераснува во едно државно, републичко граѓанско движење во кое секојдневно се приклучуваат голем број на индивидуалци од различни професии, од различна политичка провиненција, но и граѓани кои воопшто не се политички определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност“, вели Димитриевски.
За иницијативата „Отворен Балкан“, тој посочува дека добредојдена е секоја иницијатива која промовира мир, соработка и унапредување на меѓудржавните односи.