Францускиот предлог е штетен за македонскиот народ и државност, оценува поранешниот висок функционер на владејачката СДСМ и сегашен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
-Не убедувајте не, овој предлог е штетен по македонскиот народ и државност, истиот нема да добие народна поддршка. Од билатерален дозволувате да се трансформира во мултилатерален проблем со кој еден ден ќе се соочат нашите внуци и правнуци а дополнително се обидувате да ја релативизирате тежината на предлогот, напиша Димитриевски на Фејсбук.
Според него, лидерството значи да мислиш и работиш за националните и државни интереси, а не да го уриваш и подгазуваш тоа што предците ти го оставиле.
-Тоа што не го постигнаа во минатото со оружје во балканските, првата и втората светска војна, денеска се обидуваат по дипломатски пат да го постигнат со власт која за жал по сите досегашни постапки повеќе не го застапува нашиот национален и државен интерес.
Македонскиот народ и сите граѓани на Македонија како и многупати до сега низ историјата ќе го надминат и овој предизвик и сите заедно ќе излеземе посилни и пообединети ЗА НАША МАКЕДОНИЈА. Македонецот опевал и ќе опејува многупати за јунаштво и подвиг но исто така и за предавство и самопонижување… Вие самите од власта изберете си ја песната, јас мојата многу одамна ја избрав. МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПОБЕДИ!“, пишува Димитриевски.