Голем дел од фолк естрадата не слушала каков протест ќе има денес, други пак давале поддршка, ама ќе пееле во кафеани и нема да протестираат

by fokus

Голем дел од нашата фолк естрада, која задолжително во својот репертоар има барем по неколку родољубиви и патриотски песни, кои се едни од најбараните кога се настапите кај нашата дијаспора во прашање, нема слушнато за денешниот протест, кој ќе се случува пред Владата, и е наречен „Сенароден протест против бугаризацијата“.

И во тек на вчерашниот ден пред Владата граѓани излегоа на протест против таканаречениот ,,Француски предлог”, но сепак, повеќето наши популарни фолк пејачки со кои разговаравме, велат дека не се во тек со настаните, и не знаат за каков точно протест се работи.

-Ако се протестира за доброто на нашата држава, секако дека и ние, музичарите ќе излеземе, вели наша позната пејачка, која признава дека поради многуте летни настапи, воопшто не следела новости деновиве.

-Да видам првин за каков протест се работи, па ќе знам да ви кажам, ниту телевизија гледам, ниту имам време да следам вести, вели друга фолкерка.

-Лош ден е сабота, многу од колегите имаат веќе договорени настапи во локали, затоа и не сум сигурен дека ќе можат да присуствуваат на протестот, ни кажа популарен фолк музичар.

И додека едни одбиваа да одговорат на прашањето дали го поддржуваат протестот и дали ќе бидат присутни, затоа што сакале да стојат подалеку од политика, други не биле во тек со настаните поради многуте работни обврски, трети пак, објавиле на своите социјални профили пораки за поддршка, и покрај тоа што не биле во состојба да се приклучат на настанот пред Владата.

Еден од ретките кој отворено порача дека ќе биде дел од народот кој ќе излезе на протест против ,,Францускиот предлог” е фолк музичарот Дарко Билбиловски, кој вели дека нема зошто да крие дека ќе биде пред Владата.

-Треба да сме будни, свесни и ажурни, затоа што немаме резервна држава. Јас ќе бидам таму, а за колегите кои имаат настап, па би им рекол, може да бидеме таму барем еден час – порача тој.

И фолк пејачот Ефто Пупиновски јавно искажа поддршка за протестот, повикувајќи на масовна излезенот.

-Да излеземе денес во 19 часот пред Влада и да застанеме во одбрана на нашите интернационални интереси, гордост и достоинство, порача тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости