Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски објаснува како се одвивало повторното тестирање за корона вирус, на кој претходно му беше потврдено дека е позитивен, со што по средбата со него, дел од владините функционери завршија во самоизолација.
„Протоколот за безбедност на движење со амбулантно возило и уредна пријава на 192 за одалечување од дома е целосно запазен. ПСР тестовите се направени во болницата Жан Митрев и Лабораторијата Биотек, дополнителни анализи во Аџибадем Систина и градската болница во Куманово со преглед на инфективно оделение и ренгенска дијагностика. Со матичниот лекар сум во постојана комуникација – тврди Димитриевски.
Тој додава дека тестовите нема да ги коментира и ќе ги почитува сите правила и процедури и ќе остане во самоизолација согласно решението.
„Најавено ми е дополнително тестирање во следниот период кога повторно на сопствен трошок сакам да направам дополнителен тест. Претходно целото семејство е тестирано од ЦЈЗ Куманово, сите се негативни. Иако, вчера во претпладневните часови комуницирав со министерот за здравство и ми беше кажано дека по обавените консултации од негова страна со епидемиолозите во текот на денот ќе добијам објаснување за целиот случај, за жал до овој момент истото се уште го нема. Не е време за истраги и хајки, време е за спасување на животи. Немам време за дворски игри бидејќи од дома заедно со тимот од штабот ја водиме борбата против епидемијата и зачувување на животите во мојот град, тоа во моментов е мојот приоритет – вели Димитриевски.