Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски вечерва на Канал 5 најави официјално потпишување на Иницијатива за формирање на нов политички субјект во Македонија на 9 октомври во Скопје.
-На 9 октомври во пресрет на големиот празник 11 Октомври, во хотел Холидеј Ин во Скопје со почеток од 20 часот ќе организираме настан за формирање и потпишување на иницијатива за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија.
Присутните иницијатори од коишто всушност и ќе тргне самата иницијатива се сите досегашни претседатели на здруженијата кои што ги формиравме низ целата држава и очекувам голем број на луѓе истомисленици, независни интелектуалци, изјави градоначалникот Димитриевски.
Тој ги повикува сите граѓани истомисленици за како што вели, оние коишто мислат дека може нешто позитивно да се случи во Македонија да се приклучат на неговата иницијатива.
-Потребни се промени и факт е дека ние живееме во црно-бел свет во којшто е длабоко политички поделен и ваков нов политички субјект со форма на граѓанско движење и иницијатива, всушност може да доведе и до обединување во државата и да биде сериозен фактор и носител на идната власт. Ние претходно во Општина Куманово успеавме со една граѓанска иницијатива да победиме.
Има многу луѓе кои што ќе се појават на оваа иницијатива коишто значат во нашето општество, а всушност никогаш не добиле шанса затоа што политичките системи се со затворени врати за таквите. Таму се оди по системот Јас тебе војводо, ти мене сердаред, секој меѓу себе се наградува. Кај нас квалитетот ќе добие шанса во однос на квантитетот. И многу е погрешен пристапот да се врзуваме околу поединците.
Максим не може да биде партија, поединецот е само репрезент на основните идеи кои доаѓаат од политичкиот субјект. Тимот е тој што победува и тимот на Максим Димитриевски победи во Куманово и знае што треба да направи во иднина за да победи во Македонија и Македонија да ја направи посреќно место за живеење”, изјави Димитриевски.