Димитриевски ја прифаќа идејата на Мицкоски за национално единство, Апасиев е контра

by Fokus

„Можно е национално единство“ смета претседателскиот кандидат на ЗНАМ, актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување.

Мицкоски вчера во Охрид рече дека тој чувствувал дека македонскиот народ имал потреба за национално единство и најави дека оваа негова идеја ќе се обидел да ја реализира „во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“.

„Со Левица и ЗНАМ имаме свои разлики по повеќе прашања, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мене искрено ме импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме“ – изјави денеска Димитриевски во гостување на радио Лидер.

Истакна дека ЗНАМ е нова политичка партија која е конструктивна опозиција во однос на централната власт.

Лидерот, пак, на Левица – Димитар Апасиев на Фејсбук порача:

„Не верувај им на дмпнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“.

Поврзани новости