Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервју за австралиската емисија „Македонски корени“ потенцираше дека во Македонија потребно е да гради патишта и патна инфраструктура.
„Македонија е потребно да гради патишта и патна инфраструктура, да се вмрежува и поврзува со меѓународни коридори во рамките на нашата поставеност на Балканот. Ние во моментов, нашиот најактуелен коридор или најфреквентен коридор е коридорот 10. Потребно е да имаме коридор 8, но истиот да не биде реализиран на еден ваков криминоген начин, бидејќи самиот коридор којшто реков во една емисија претходно доби од страна на неколку политички лидери особено од страна на господинот Али Ахмети еден наратив којшто самиот го дефинираше како национален наратив на релација Приштина-Тирана-Скопје.
И тогаш јас гласно го поставив прашањето зошто доколку истиот коридор е национален според него, а во меѓувреме се обидуваме да градиме концепт за мултиетничко општество во државата едноставно би плаќале сите. Не добив денеска одговор до ден денеска на тоа прашање, ниту пак очекувам дека ќе го добијам бидејќи агендата на тој политички субјект којшто го претставува господинот Ахмети во континуитет иако се залага за градење на мултиетничко општество сепак е таа политичка чиста национална агенда којашто од ден на ден создава се поголеми фрустрации во општеството особено кај нас Македонците.
Овој коридор доаѓа во еден суштински момент којшто стратешки е и те како важен за нашите НАТО партнери. Истиот коридор е преценет во делот на проценките и да биде загриженоста уште поголема истиот договор за изградба на самиот коридор е скриен од очите на јавноста.
Па се поставува јавно прашањето, дали ние како држава всушност ќе градиме нуклеарна воена база, нуклеарна централа којашто треба да има класифициран предзнак под синонимот државна тајна или строго доверливо, или пак, ќе градиме еден коридор од државно значење, ширење на патна инфраструктура во којашто ќе трошиме граѓански пари, а всушност нема да им кажеме на граѓаните како, на кој начин и каде ќе бидат потрошени“, рече Димитриевски.