Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски, во дебатната емисија на ТВ Плус за локалните избори со против кандидатите за градоначалници, истакна дека и во следниот мандат ќе работи за сите граѓани и без поделби.
„Сметам дека реализиравме голем број на проекти. Куманово беше помеѓу една од трите најзадолжени општини, целосно финансиски блокирана, 8 години траеше таа блокада. Успеавме да ја деблокираме општината и да ги вратиме сите нејзини долгови. Денеска немаме никакви долгови. А во изминатите четири години реализиравме 400 проекти за подобрување и унапредување на Куманово. Преземам обврска доколку ја добијам довербата од мои кумановчани во следните години да реализирам повеќе од 800 проекти, а граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот. Сите ние првенствено сме граѓани Кумановци. Нема поделби во Куманово, ниту сум менаџирал, ниту пак ќе дозволам да менаџирам во насока на поделби. Се обидуваме да направиме една сеопшта симбиоза за сите граѓани во Куманово да се чувствуваат кумановци, а потоа што се по етничка, верска, политичка или друга припадност“, рече Димитриевски.