Јас лично поддржувам освежување во партијата со кадри што заслужуваат да им се даде шанса. ВМРО-ДПМНЕ е партија која долго е на власт, има луѓе што десетина години беа министри, тие веќе се изморени и треба да одморат. Партијата е жива материја која одвреме-навреме треба да се освежува за да ги подобри своите перформанси, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, во интервју за Макфакс.
Тој смета дека идејата и предлозите за реформи во партијата треба да бидат разгледани внатрепартиски и заеднички да се одлучи дали тие ќе донесат одредено подобрување.
-Различните мислења се богаство и принцип на демократијата. Не треба сите идеи, народски речено, да се дочекаат на нож. Одредени предлози што се даваат ги гледам како нормална внатрепартиска демократија. Тие луѓе се наши сопартијци, лично се познавам со нив, сме поминале многу изборни циклуси и извојувале многу победи и затоа имам еден коректен став кон нив – истакнува Димитриев.