Димитриев: Немаме проблем со Избирачкиот список

by Фокус

Сите случаи коишто се дадени до Државната изборна комисија ќе бидат проверени и не треба да се прави фама од тоа бидејќи тоа е суштина на процесот наречен прочистување на Избирачкиот список, изјави денеска премиерот Емил Димитриев, одговарајќи на новинарски прашања.

Пријавите од граѓаните, според Димитриев, не може да го забават процесот на прочистување на Избирачкиот список. Тие пријави се добредојдени, ги поздравуваме и треба да бидат аргументирани бидејќи согласно  пријавата ќе бидат ангажирани институции за нејзина проверка.

– На еден начин ќе влијаат за многу кратко време да се расчисти оваа фама којашто се шири вештачки околу прочистувањето на Избирачкиот список. Државната изборна комисија (ДИК) си ја знае својата надлежност и ги има предвид законските и подзаконските прописи. Вчера на состанокот ДИК ме информираа дека за многу кратко време ќе ги реши тие пријави  бидејќи роковите за да се одговори во однос на пријавите се од три до пет дена, изјави Димитриев.

Според него мал процент од пријавите ќе бидат дел од теренската проверка. За тоа ќе имало неколку фази,  проверка дали се основани, а понатаму ако се основани се дисперзираат  во институции надлежни од управен аспект да кажат дали се основани или не. Ако ја поминат таа фаза може да  подлежат на теренска проверка.

– Оптимист сум дека повеќе од 90 проценти од пријавите ќе се реализираат во првите фази на утврдување на веродостојноста на пријавата и управната постапка и оти многу  мал процент ќе има што ќе биде дел од теренската проверка. Но, и да има такви случаи, тоа е изводливо, ДИК е подготвена од секаков аспект  тоа да го заврши како што треба, рече Димитриев и дополни дека опозицијата креирала вештачка криза со списокот.

-Адресата е сосема ирелевантна во овој контекст и дефокусирањето на вниманието во проблем со адресите покажува дека генерално немаме некој поголем проблем со Избирачкиот сприок во суштина. Тоа е мал проблем којшто треба да послужи за дефокусирање на вниманието за креирање слика дека има проблем со Избирачкиот список иако суштината на избирачкото право е еден човек  еден глас и треба да се држиме до тоа. Доста луѓе имаат навики  да не ги проверуваат своите лични карти, во меѓувреме  се случува да бидат  променети имиња на улици.  Тоа  е дел од нашето секојдневие и не треба да се злоупотребува и да се фрла сенка на процесот кој го работи ДИК за прочистување на Избирачкиот список, рече Димитриев.

Поврзани новости