Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев не сакаше да коментира дали ја поддржува кандидатирата на неговиот колега, пратеникот Влатко Ѓорчев, за претседател на Република Македонија, потенцирајќи дека за тоа ќе одлучуваат партиските органи. Она што можам да го кажам, нагласи, е дека јас нема да се кандидирам.
-Секој има право да се кандидира. ВМРО-ДПМНЕ ќе организира конвенција, и за тоа ќе одлучат кандидатите. Јас не планирам да се кандидирам, барем за тоа можам да ви дадам конкретен одговор, рече Димитриев одговарајќи на новинарско прашање по средбата на експертот од ЕУ Маурицио Варанезе и претставник од Одделот надлежен за Македонија од ЕК Клое Лаурен Динсдел со членовите на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинска управа и Министерство за одбрана.
Запрашан дали партијата се подготвува и за парламентарни избори, освен за претседателски, Димитриев одговори потврдно, потенцирајќи дека партијата и побарала нивно одржување и дека очекува оти тие ќе се случат заедно со претседателските.
Пратеникот и член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев вчера најави дека ќе се пријави на партискиот оглас за претседателски кандидат. Денеска поддршка за кандидатурата доби од својот колега пратеникот Антонио Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за избор на претседателски кандидати. Рокот за пријавување на огласот трае до крајот на месецов. Кандидатот за претседател на опозицијата ќе биде избран на 16 јануари на партиска конвенција во Струга.