Шампионот во кик-бокс, младиот Димитар Ѓорѓиев од Неготино, познат помеѓу своите сограѓани како Златното момче поради многубројните освоени титули, стана европски шампион во кик бокс. Тој ја освои шампионската титула на Европското првенство за сениори кое се одржува во Братислава, Словачка. Ѓорѓиев во дисциплината Лоу-кик до 86 килограми во денешното финале го победи Русинот Рамазан Баксанов, и на тој начин стигна до европското злато.
-Титулата ми значи многу. Ја посветувам на мојата фамилија и на сите кои стојат покрај мене во текот на целата моја кариера. Овој медал ми беше многу важен, како еден вид на амајлија, бидејќи во ноември отворам мој кик-бокс клуб. Ќе биде сместен во зградата на Адора, во Карпош, Скопје. Се надевам дека ќе стане расадник на млади спортски таленти со кои ќе се гордее нашата земја – ни изјави шампионот.
Тој додава дека борбата за титулата воопшто не била лесна и со оглед на силната конкуренција, не се надевал на злато.
-Многу тежок натпревар, нема слаб противник на Европско првенство. Посакував да освојам злато, но не го очекував, со оглед на конкуренцијата. Сепак на крајот, се исплати мојот труд и напорните тренизни. Останав без два заба, ама не жалам за ништо. Ми ги скршија пред две години, на претходна борба, сега повторно истите ми ги извадија во полуфинале, од удар со рака. Сите сакаат злато, нормално е во тие еуфорични моменти да се случуваат вакви работи – раскажа Ѓорѓиев.
Неготинчанецот е трикратен светски шампион во кик-бокс.
Вики Клинчарова