Министерот за труд и социјала Диме Спасов денеска од новата градинка „Андон Ќосето“, во скопски Аеродром најави дека од наредната година екстерно ќе се испитуваат и децата од градинките.
– Јавна тајна е дека има негувателки кои без критериум, а понекогаш и преку врски на децата им пишуваат петки на рачињата. Знам за неколку екстремни случаи кога само за да не плачат децата, учителките им ставиле петки со ѕвездичка. Замислете, со ѕвездичка! – изјави Спасов и објасни дека постоеле малверзации и со употребата на печатите со пчелички како систем за оценување во градинките.
Не може да си завршил шеста група во градинка, вели Спасов, а да не знаеш да ја испееш химната на ВМРО.
– Не мора зборовите да ги знаат, ама недозволиво е да не можат да ја испеат барем со „на, на, на..“ – резигнирано коментираше Спасов.
Сѐ уште не е сигурно што ќе се оценува, меѓутоа неформално дознаваме дека дел од тестовите ќе бидат: Брзо моделирање на мотиви од Скопје 2014-та со помош на лего-коцки, сечење фиданки, рецитирање песнички за трето дете, коментирање на Фејсбук на латиница со сите „капсови“, Титов портрет на Груевски со водени боици и скок-плук во фотографија од Бранко Црвенковски.
Посебно ќе бидат наградувани воспитачките чии деца ќе можат наизуст, без да земат воздух да ги кажат имињата на сите споменици во Скопје.