Диме Илиев: Жал ни беше со Неда што не снимивме втор дел на „Исправи се, Делфинa“

by Fokus

Смртта на легендарната актерка Неда Арнериќ, која почина пред два дена, е голема загуба за југословенската кинематографија. Македонската јавност ќе ја памети по улогата на Делфина во филмот „Исправи се, Делфин“, каде заедно со актерот Диме Илиев беа главни филмски ѕвезди.

Актерот Илиев во интервју за неделникот „Фокус“ минатата година, со многу емоции говореше за тоа како течело снимањето на филмот, кој според него направил пресврт во кинематографијата.

„Тој филм го снимивме за 21 работен ден и тоа беше еден куриозитет. Се работеше многу, а таква беше и екипата. Филмот немаше многу масовни сцени. Екипата се обложуваше колку дублови со Неда ќе направиме, дали ќе згрешиме во текст. Секогаш губеа оние коишто велеа дека или ќе згрешиме или ќе направиме повеќе дублови. Снимањето беше прекрасно и во Будва и Улцињ кога бевме. И самата Неда пливаше, а пливаше и Атина Бојаџи на нејзино место и уште една пливачка од Белград. Имаше моменти кога го снимавме базенот и кога Неда се соблекува и ми вика: И ти ли сакаш нешто од мене? Кога и удирам шамар, а таа ми рече да ја удрам што е можно посилно. Ја удрив и чекавме да заврши сцената и да кажат „стоп“. Се вртиме и гледаме дека сите молчат и чекаат нешто да се случи. Прашавме дали да направиме уште еден дубал, а шминкерката мораше да и ја поправи шминката затоа што и се познаваа прсти на лицето на Неда“, раскажа Илиев.

Тие двајца се сретнаа по 20 години во Битола минатиот октомври, а Илиев раскажа и за таа нивна средба, која била многу емотивна.

„Јас веќе знаев дека тие гостуваат во Битола. Имаа дуо драма со еден колега во Домот на култура. Ме поканија таму а јас и подарив цвеќе на Неда. И викам: Не ме познаваш?. Не се сети на мене. И реков: Ти беше Делфина, јас бев Петко во филмот. Кога го чу тоа таа таа многу се израдува и веднаш ме гушна. После тоа се дружевме, останавме на вечера. Зборувавме за вториот дел на „Исправи се Делфина“, но таа наша стара болка – не можеа да се најдат пари, а сценариото беше готово“, истакна Илиев.

Ј.Ц.

Поврзани новости