Прв пораз за македонските ракометари од Чешка

by fokus

Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Европското првенство 2020, откако попладнево загуби од Чешка со 27:25.

Бодрени од околу пет илјади навивачи кои „Штадхале“ ја обоија во „црвено-жолто“ капитенот Кирил Лазаров и соиграчите одиграа прво полувреме со цврста одбрана и само девет примени гола. Предноста од два гола (7:5) која беше создадена по дваесетина минути, македонските ракометари ја имаа уште во три наврати и ја задржаа до крајот на првиот дел кој заврши 11:9.

Целосно различна слика на почетокот на второто полувреме и по само седум минути Чесите негативата од два гола ја претворија во позитива од три погодоци (15:12). Следуваа два гола на Лазаров по што Македонија не реализира и напад за израмнување на резултатот. Чешка на 15 минути пред крајот повторно имаше плус три (18:15), а во 50. минута и 22:18. Со серија од 4:0 на Македонците, на семафорот во 55. минута стоеја четири двојки (22:22).

Драмата во последните пет минути им припадна на чешките ракометари кои направија голем исчекор кон следната фаза.

Најефикасен играч на натпреварот беше Кирил Лазаров со 11 гола.

Второто коло од Б-групата ќе се комплетира вечер по одигрување на натпреварот меѓу ко-домаќинот на евро-шампионатот Австрија и Украина.

Табела:
1. Австрија 2 бода (1 натпревар)
2. Чешка 2 (2)
3. С.Македонија 2 (2)
4. Украина 0 (1).

Поврзани новости