На денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) беше усвоено упатството според кое ќе се спроведе референдумот во општина Центар, на кој граѓаните треба да се изјаснат за тоа дали сакаат да се зачува изгледот на Градскиот трговски центар.
Претседателот на ДИК, Никола Рилковски рече дека ако претседателот на Општинската изборна комисија во Центар, Коста Митровски, не си поднесе оставка до следната седница на Државната изборна комисија, тој ќе покрене постапка за негово разрешување од функцијата.
– По она што можевме да го чуеме, барем според моето лично мислење, овој човек барем од морален аспект нема кредибилитет да биде претседател на изборна комисија – вели Рилковски.
Инаку, на една од снимките кои ги објавува опозицијата, може да се слушне како Митровски во разговор со Миле Јанакиески му кажува како успеал да извлече четири избирачки списоци од црните вреќи.