Досега до Државната изборна комисија пристигнале 17 приговори за парламентарните избори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите, а за претседателските ниту еден.
-Приговори за постапката за сумирање на резултатите за парламентарните избори има поднесено од коалицијата ВЛЕН – 9 и од коалицијата Твоја Македонија – 8. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори досега нема – изјави за МИА портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.
Роковите за поднесување приговори за сумирањето резултати за претседателски е до 22:30 часот, а до 23:30 часот е за парламентарните избори.
Претходно, во 19 часот истекоа роковите за остварување на избирачкото право, но за тоа не се пристигнати приговори.
Во меѓувреме, ДИК за утре (11 мај) закажа седница за објавување на конечните резултати од претседателските избори.
Ако не се поднесат приговори за сумирањето резултати, што не се очекува да се случи, Државната изборна комисија ќе го достави извештајот од утрешната седница до Собранието.
Од кабинетот на претседателот на парламентот, Јован Митрески, најавија дека откако ќе го добијат извештајот, за в недела (12 мај) ќе се закаже собраниската седница за инаугурација на новата претседателка Гордана Сиљновска Давкова.