ДИК отфрли неколку пратенички листи и го утврди редоследот

by Фокус

Државната изборна комисија попладнево со ждребување го утврди редоследот на кандидатските листи за изборите.

Број 1 е Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, број 2 – Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО- ДПМНЕ, број 3 – Коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, број 4 – Коалицијата Европски форнт, број 5 – Левица, број 6 – Коалицијата „Вреди“, број 7 – Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, број 8 – Единствена Македонија, број 9 – Нова алтернатива, број 10 – Аваја, број 11 – Европско граѓанско движење, број 12 – Македонска ера трета/Македонски независни листи, број 13 – Твоја партија, број 14 – Родина Македонија, број 15 – Десна, број 16 – Демократи и број 17 – Работничка партија.

По ждрепката, како што соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ќе се изготви записник и утврдената листа ќе биде објавена во дневниот печат.

Инаку, поради некомплетна документација едногласно беа отфрлени листите на кандидати за пратеници во ИЕ 2, 3, 4 и 6 на Работничка партија, листата на Едниствена Македонија за ИЕ 6 и листите на кандидати на Десна за ИЕ 5 и 6.

За листата на Работничка партија за ИЕ 6, членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се воочени специфични неправилности за кои се известени надлежните институции.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што според таканаречениот Донтов модел се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 8 мај. Тогаш ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.

Поврзани новости