ДИК објави тендер за изборен материјал за изборите во Штип и Пласница

by Фокус

Државната изборна комисија објави оглас за спроведување на тендерска постапка за изработка и печатење на доверлив и недоверлив изборен материјал за предвремените избори за градоначалници што треба да се одржат во Штип и Пласница на крајот на оваа 2020 година.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, за таа цел треба да се склучи договор во времетраење од 4 месеци со компанија што ги исполнува пропишаните услови, при што се предвидува да поседува сертификат за хартија security print, серфификат за изработка на сигурносни заштити и машини за изработка на гласачките ливчиња.

„Изработката и печатењето на изборниот материјал задолжително треба да се изврши на едно место, што произлегува од карактерот и содржината на материјалот, неговата доверливот, заштита и транспорт“, се наведува во техничката спецификација на јавната набавка, каде уште се додава дека ДИК може да изврши контрола на машините на кои ќе се изработуваат гласачките ливчиња.

Инаку, предвремените локални избори во Штип и Пласница се закажани на 13 декември, откако поранешниот штипски градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а долгогодишниот градоначалник на Пласница Исмаил Јахоски беше избран за пратеник.

Од владејачката СДСМ веќе најавија дека ја почнале внатрепартиската процедура за селекција на кандидат за градоначалник на Штип, додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати посочуваат дека треба да се размисли за одложување на изборите поради наглото ширење на корона вирусот.

На последните локални избори во 2017 година, Бочварски успеа тесно да го победи Илчо Захариев во вториот круг, додека Јахоски ја вршеше оваа функција во неколку последователни мандати, се додека не одлучи да се префрли од локалната во законодавната власт.

В.С.

Поврзани новости