Пишува: Ана ПАНОВСКА
Ах, земјо македонска! Се вивна во ширина, низ планини и реки, сложно бербатејќи се, валкајќи се во тињата на едни невешто сковани простачки преданија, орно погнасувајќи го сето земјено пространство со испустените села и калливите населби и со набутаниот говедарски барок. Се стокми, земјо македонска, токму по мерка и мерак на Говедарот, кој сè уште бесрамно принудува и изнудува анемичен аплауз од преостанатите верни примероци од рајата.
А, рајата сè уште молчи. Небаре Господ, а не говедарот, посакал ваква Македонија. А, говедарот едноставно имал скромна желба да не се доправи градбата македонска, чунки, ако сме биле сложни, ќе сме се доближеле премногу до Бога со библиска вечна Македонија. Па реши говедарот, по урнек на Вавилонската кула, како да е Господ, нам, на Македонците да ни ги измеша мислите, да ни ги изврти желбите, да ни ги испогани јазиците, да се раскараме, да се намразиме и да си ги вадиме очите и, така ќори, како новородени бајчиња, да блееме и да викаме ВМРО-ДПМНЕ.
Т’га за југ
Дијаспоро! Раштркана, растурена, расеана, земјо македонска, во туѓи дворови по белиот свет. Дојде ред и на вас. Не да ве тешиме, не да ви пееме, не да ве плачеме, ами да ве пизмиме. Пизмата, овде во вашата стара татковина, стана стил на добро воспитание и врвен патриотизам. Се пизми познатото минато: борците, комунистите, ударниците, штафетите… Се пизми првиот претседател на независна Македонија, се пизми Блаже Конески, творецот на современиот литературен македонски јазик, се пизмат плејада писатели, архитекти, филмаџии, актери, творци…
Што сте, пак, вие нешто посебно, па и вас да не ве пизмат? Кои сте, пак, вие и со што заслуживте да бидете изземени од пизмата овдешна и така на голема врата да влегувате во македонскиот парламент? Не, драги мои, ќе ја почувствувате прво пизмата, па дури тогаш ќе видиме како ќе се осмелите да барате пратеници преку погача. На оваа земја, драги наши, веќе 10 години ѝ се врши сеопфатна погубна обука на тема: „Уништување на Македонија“, под менторство на разни професори, началници, обвинители, судии, медиуми… апаши, и сето тоа под будното око на вашиот омилен Г.
Кај бевте, бре, вие драги наши, да кренете глас против зулумот, против масовната пљачка, против тешките глоби, против арачот, против изборните измами, во кои и вие бевте инволвирани и, конечно, против масивното и масовното прислушување на илјадници граѓани заради темелно посматрање од широки размери за лична употреба: материјална, политичка, приватно-емоционална и секаква друга добивка. Незамисливо?! Ние не мораме да замислуваме. Ние тоа го доживеавме на своја кожа. Вие обидете се да си замислите како некој таму во Мелбурн, Торонто, Берн… ве прислушува кога се договарате за вашиот следен бизнис-чекор, кој бизнис потоа некако одеднаш ќе ви се излизга низ раце и, оп, ќе појде низ вода.
Е, драги мои, во таква Македонија ние живееме. Корумпирана, безволна, уплашена. За жал, вие, посебно дамнешните иселеници, не знаете во која Македонија се крстите. И вас ве шашардисаа. Дали се крстите во една имагинарна, паганска, античка Македонија на бесни војсководци и неписмени пробисвети, или со мислите живеете во Македонија на вашите блиски предци? Македонија во која жуборат поточиња, на полјани ширни пасат бели стада, кавал свири, а на манастирските ливади распослани фамилии со скромни софри, среќни луѓе, сполтнати јадри дечиња, мила убајна! Е, драги мои иселеници, драги мои печалбари!
Македонија е нешто трето! Трета Република Македонија. Една, многу, многу сиромашна земја, окована во гипс. Земја разјадена однатре, загадена однадвор. Отрови од хемикалии, отрови од гнасни зборови. Болештини на сите страни. А, жртви по патиштава, само последнава година, приближно толку колку што загинаа при терористичкиот напад во Анкара. Покој, ’рци и јад. И сега вие сакате баш овде да бидете пратеници. Ете, имавте тројца. Сурат не им видовме, глас не им чувме.
Што барате, бре, вие браќа и сестри од раскараните црковни општини демохристијански во овој квазипарламент? Што друго, освен да му го држите разнишаниот престол на Груевски да не се распадне под него, зашто јамката веќе му е околу вратот. Само за тоа сте му потребни. Љубов и милост од него не чекајте. Па тој сите што не му се од фамилијата ги мрази, па од каде баш вас да ве сака и солзи да рони по вас?!
Ама! Печалба, драги печалбари! Убаво се печали од вас, од вашата болка по родниот крај и од вашата тага по блиските. Познато е дека носталгијата е една од најсилните човекови емоции. Некои дури по интензитет ја ставаат и пред силните љубовни чувства. Сега, драги мои иселеници, да ве прашам колку песни народни, срцепарателни, излегоа од вашите срца, од вашите души, од вашите пера таму во туѓина? Како онаа на Миладинов? А? Малку? Многу малку?
Е, овде, секоја трета новокомпонирана народна песна е „туѓино, јабано“. Згодна приказна за да ви се шитне, да ве фрли во севдах, а вие лепете долари, испразнете си ја болката. За секого од вас има песна во која можете лесно да се препознаете и реално да се потресете. Поразително?! Иселенички џубокс?! Е, мој Г., уште тоа ти остана. Да пробаш од парламентот, кој си го бајбуткаш веќе со години, да направиш на крајот еден велелепен Иселенички џубокс. Баш ѝ личи, стилски со барокот, на третата Република Македонија. Дечки, не давајте се! Во 2016 г. ќе ја правиме четвртата република. Па, ако и таа не ни се погоди, ќе тераме како Французите и до петта. Па, што?!