Обединетата македонска дијаспора (ОМД), главна организација на македонските иселеници во САД, во писмо испратено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги повика земјите членки на ЕУ „по 16 години да ги исполнат ветувањата за пристапување на Македонија во ЕУ“.
Писмото е испратено во пресрет на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ утре на кој ќе се одлучува за стартот на преговорите со двете земји. Одлуката се уште е неизвесна по најавите дека процесот може да го блокира Бугарија.
-Преземајќи го овој важен чекор, земјите-членки ќе обезбедат вредностите на Слобода, Рамноправност и Братство да одекнуваат од Бретања до Црното Море, се вели во обраќањето на ОМД.
ОМД ја оценува како „охрабрувачки знак и ја поздравува поддршката дадена од американскиот Стејт департмент за евроинтеграцијата на Албанија и Македонија да продолжи без одлагање“.
-Разочарувачки е да се слушнат одгласите од далечното минато како повторно одекнуваат низ целиот регион. Историски гледано, Македонија е „јаболко на раздорот“ за соседните држави. Тажно е што една земја-членка, Бугарија, го користи своето вето за да ги блокира легитимните аспирации на Македонија за членство во ЕУ во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот и малцинските права. Процедуралното вето што го блокира патот кон европската интеграција треба да биде минато. Да се прифати присилното наметнување на етно-национални наративи на соседна држава значи да се поткопа самата стабилност што ЕУ сака да ја создаде, велат од дијаспората.
Додаваат дека „ниту една нација не платила повисока цена или не била подолго на пат за интеграција во евроатлантските структури, и покрај подготвеноста утврдена со години наназад за влез во НАТО и ЕУ, како што потврдија обете организации.
-Со договар за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија, министрите на ЕУ би презеле историски важни чекори во обезбедувањето трајна стабилност на Југоисточна Европа, наспроти зголемените закани по плуралистичките општества и зајакнувањето на својот авторитет како бранител на човековите права низ целиот свет, се вели во писмото на ОМД.