Дијабетичарите до Тодоров: Пред да не направите лажни дијабетичари, да ни кажете каде исчезна донираниот инсулин од 700.000 евра?

by Fokus

Дијабетичарите повторно се соочени со инсулинска криза, иако само пред еден месец пристигна донацијата од НовоНордиск вредна 700.000 евра, реагираат од здружението „Баланс“. Тие јавно го прашуваат министерот Никола Тодоров, каде исчезна донираниот инсулин за само еден месец и која е причината за нов дефицит?

– По реакциите на многу наши сограѓани, лица со дијабетес, дека повторно во инсулинските аптеки ширум земјата има недостаток од инсулините Левемир и Новорапид, овој пат надополнето и со недостаток од дијабетски помагала како што се иглите за ињектирање на инсулин и лентите за мерење гликемија, повторно се обраќаме до министерот Тодоров – велат од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК.

Тие бараат одговори од првиот човек во здравството – кога Министерството за здравство има намера да го оконча тендерот за набавка на инсулини и инсулински помагала? Зошто нема игли за ињектирање инсулин? Зошто има недостаток од ленти за мерење гликемии? Зошто сето ова им се прави на лицата со дијабетес во Македонија 200 000 на број, од кои 30 000 илјади зависни од инсулин?

– Недостатокот на игли за инсулински пенкала е потполно исто како и недостиг на инсулин, затоа што општопознато е дека инсулинската тарапија се прима само на еден и единствен начин – не се пие, ниту инхалира – едноставно се ињектира! Зошто покрај недостатокот на “стандардните“ игли, никој во МЗ не споменува макар и како идеја дека некогаш, еден убав ден ќе се набават игли и за дечињата дијабетичари (со должина од 4 мм) какви што користат децата дијабетичари во Европа и соседството, наместо сегашниве “стандардни“, со должина од 6мм.  Дали знаете дека тие игли кај нашите деца дијабетичари неретко предизвикуваат крварења, подливи, расекотини (оти тоа се мали деца, мали нозе, раце…)? – прашуваат од Здружението „Баланс“.

Тие велат дека додека добијат одговор од Тодоров, прво ќе добијат партиска етикета.

– Свесни сме како здружение, најпрво, “чешлајќи ја“ нашата приватност ќе бидеме обвинети дека “некој друг“ стои зад нашето реагирање, та дури можно е јавно да не прогласат дека сме лажни дијабетичари, што всушност е установена пракса – секој што поинаку мисли веднаш се етикетира како државен непријател или вулгарно и брутално се навредува. Но и покрај се, за нас е тотално  неважна поделбата по политичка, национална или верска припадност, затоа што нам не соединува маката, болеста, состојбата дијабетес – објаснуваат од Здружението.

Од таму додаваат дека упорно ќе продолжат да бараат одговори од министерот.

– Упорно ќе инсистираме Тодоров да одговори на поставените прашања, оти имаме легитимитет, голем како планина зад кој стои грижата и борбата за нашето здравје и здравјето на нашите деца. За разлика од разноразните експерти во МЗ зад кои не знаеме ни кој, а ниту што стои, освен фактот дека со нашите гласови добиле мандат и со нашите пари добиваат плата – истакнаа од Здружението.

Со овој проблем, дијабетичарите се соочуваат веќе неколку месеци. Тие во неколку наврати побараа помош од министерот, но наместо тоа, дел од нив добија партиска етикета дека се организирани од опозициската СДСМ.

 

Поврзани новости