Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека благодарение на рестриктивните мерки, во земјата е спречена катастрофа, каде што најлошото сценарио би било половина милион жртви, и најави дека планира постепено да ги укине карантинските мерки.
– Не е време неделава да се укинат мерките за карантин. Наместо тоа, ќе ги преземеме првите претпазливи чекори за модифицирање на нашите мерки, рече Џонсон во синоќешното телевизиско обраќање.
Од денеска, оние кои не можат да работат од дома, ќе можат да одат на работа, а од среда граѓаните ќе можат да поминат неопределено време надвор ако се придржуваат кон мерките за физичко растојание.
– Може да седите на сонце во локален парк, да се возите, дури и да спортувате, но само со членовите на вашето домаќинство, објасни Џонсон.
Училиштата би можеле повторно да почнат со работа на 1 јуни, а угостителските објекти од јули, во зависност од ситуацијата.
Тој додаде дека луѓето што доаѓаат во Британија со авион, ќе бидат испратени во карантин.
Британскиот премиер рече дека, благодарение на напорите и жртвувањата на сите, националниот здравствен систем бил заштитен и спасени се илјадници животи.
– Би било лудост да отфрлиме сè што постигнавме и да дозволиме уште еден удар. Мора да останеме будни. Мора да продолжиме да го контролираме вирусот и да спасиме животи, рече Џонсон.
Тој најави нов систем за предупредување на Ковид 19 за да се следи вирусот.
-Системот ќе има скала од еден до пет, и колку е повисоко нивото, толку мерките ќе бидат построги. Прво ниво ќе значи дека заразата веќе не е присутна во Велика Британија, а петто ниво е најкритично. За време на карантинскиот период, Велика Британија е во четвртото ниво на тревога, рече Џонсон.