Џомби и катакомби на животот наш

by fokus

Одговорот на прашањата зошто сме назадувале, потонале под нивото што го имавме, зошто не знаеме да продолжиме од таму каде што претходникот застанал, се наоѓа во мислата на Андриќ – затоа што сме дозволиле да дојде време кога паметните молчат, будалите говорат, а фукарите се богатат

Звонко ДАВИДОВИЌ

Некогаш, не така одамна, но мене ми се чини како да се случувало во некој друг живот и друга димензија, животот беше ценет, организиран и лесен, скоро идеален споредено и мерено според она што денес се случува и начинот на кој го живееме животот денес.

Пред нашите родители, во текот на нивниот живот биле поставувани eдвај неколку прашања со кои морале да се изборат, а одговорите што ги давале им го определувале патот во животот, и тоа најчесто биле дали да гради куќа или да купи стан, дали да работи приватно или да е на државни јасли, дали да студира или да работи со средно образование, но каков и да бил одговорот и изборот квалитетот на животот бил сличен, речиси еднаков.

Егзистенцијата, воопшто, не била предмет на нивните размислувања и стравови, како ни школувањето, лекувањето, одморот, работното место, одењето во странство за викенд, одмор, прошетка. Денес по толку години и, божемен, напредок животот стана тежок, комплициран, евтин и небитен. Од смирен, квалитетен и среден живот се доведовме во ситуација во која животариме, одвај опстојуваме, хаотични во секојдневието, рамнодушни и бесчувствителни кон сѐ, па и кон себе. Како од автопат наеднаш да сме се исклучиле и се движиме по селски пат некатегоризиран полн со џомби и катакомби, секој час потскокнуваме на џомбите или пропаѓаме во понорот на катакомбите, угоре високо, долу длабоко, како велат старите.

КАКО ДОЈДОВМЕ ДО ТУКА?

Како успеавме да се доведеме тука каде што сме и да паднеме и потонеме под нивото што некогаш сме го имале? Зошто не знаеме да го сочуваме она што го имаме и да го надградиме, туку мораме постојано да уриваме и да почнуваме од нула? Зашто кај нас традицијата не значи ништо и не знаеме да продолжиме од таму каде што застанале претходните, туку се однесуваме како сѐ да почнува и завршува со нас и како со секои избори да почнуваме да градиме држава одново?

Нема да пишувам за многу работи што го правеа животот и посреќен и поубав, а секако и посигурен и подостоинствен, затоа што тоа би одзело и многу време и простор, а повторно не би можел да го доловам и достоинството и спокојот што го имавме и среденоста на државата во која живеевме во секој сегмент.

Чувството беше дека некој размислува и ја уредува државата според потребите на граѓаните и дека е убаво да си дел од таа држава, која беше безбедно и сигурно место за живеење. Додека сите оние околу нас кои денес се перчат и придикуваат се продаваа за една „червена“ или „вегета“ или вињакот „рубин“ ние можевме да си го дозволиме сето она за што истите сонуваа.

Во тогашната наша држава функционираа и работеа многу фабрики, кои и за денешни услови произведуваа исклучително висококвалитетни производи. Не можат, а да не се сетат постарите на кошулите на „Отекс“ Охрид, „Астибо“ Штип, оделата на „Вартекс“, „Тетекс“, „Први мај“ Пирот, џемперите на „Рашица“.

Произведувавме и градевме бродови од бродскиот лим што се произведуваше во „Железарница“ Скопје, произведувавме тенкови, хеликоптери и авиони, користевме нуклеарна енергија уште во тоа време. Денес, ова што го имаме е бледа сенка на она на што бевме сведоци до пред само три децении. Ние не сме денес во состојба ни да го варосаме она што во тоа време е изградено, а камоли да го сочуваме. Едноставно, успеавме за кратко време сѐ да уништиме и деградираме, создавајќи класа на енормно богати, уништувајќи ја средната класа како столб на секое граѓанско општество.

Тогашна Југославија имаше околу 26 милиони жители и на целата нејзина територија имаше 18 универзитети, кои продуцираа исклучително образован и успешен кадар. Во Македонија тоа време имаше два универзитета, и тоа во Скопје, кој е формиран во 1949 година и во Битола, формиран во 1979 година.

УНИВЕРЗИТЕТИ ПО ЖЕЛБА НА ПОЛИТИЧАРИ

Денес во Македонија има универзитети на секој ќош, што државни, по желба на некои политичари, што по национален клуч. Кадарот што се продуцира од таквите факултети е со катастрофално слаб квалитет и огромно незнаење, кое се граничи со полуписменост. Дипломираните студенти од Правниот факултет на кој било универзитет, а кои се стекнале и со звање магистер во 90 отсто случаи, не знаат како се стекнува правна способност, а како деловна, што е пасивна легитимација итн., а што е А во правото.

Југославија од својот почеток од 1918 година, па до распадот во 2003 година, шестпати го менувала своето име, но никогаш поради тоа не бил доведен во прашање нејзиниот суверенитет, интегритет или идентитет. Ние од осамостојувањето го сменивме името двапати и сѐ уште полемизираме и стоиме во место, објаснувајќи се кои сме и што сме, докажувајќи кој е чиj и каков.

Југословенскиот пасош бил еден од петте најценети во светот и со него можело да се патува секаде без виза. Нашиот безвизен режим и тоа со ЕУ бараше многу усилби, напори и отстапки, кои и ден-денес ги чувствуваме и секогаш кога постои незадоволство, или потреба за каков било притисок врз нас, безвизниот режим се доведува под знак прашалник како дарувано чудо.

Југословенските репрезентации беа светска велесила во екипните спортови и не постои медал што не ја освоиле на првенствата во кошарка, ватерполо, ракомет, одбојка. Денес ние како да немаме спортски работници и федерации, а за кои се слуша, само кога има борба за фотелја или економска малверзација.

Во Југославија се произведувале над 50 модели автомобили од десетина најпознати марки, и тоа покрај „југо“ се произведувале и „рено“, „опел“, „остин“, „ситроен“ и „голф“. Во фабриката Томос се произведувале „ситроен 2CB“, „спачек“ и „ајкула“ и уште шест модели на „ситроен“, „ами“, „брејк“ GS и DS. „Рено 4“ се произведувал во ИМВ Ново Место, каде што се произведувале и „рено 12“, „рено 16“, „рено 18“ и IMV минибус. „NSU принс“ се произведувал во сараевската фабрика Претис, а во ИМВ Словенија се произведувал и „морис 1100“, „остин мини“ и „остин макси“, додека во сараевската фабрика Тас се произведувале „голф“, „буба“, „џета“, „кади“ и „опел корса А“ и „опел кадет Д“.

ДЕНЕС ПРОИЗВЕДУВАМЕ ПОЛИТИКАНТИ

Денес во Македонија не произведуваме баш ништо, освен политиканти, нивни додворувачи , бизнис-тајкуни и фејсбук-озборувачи.
Во 1972 година во Југославија се појавија мали сипаници и беше прогласена епидемија со која здравството на Југославија успеа да се справи за неколку недели, колку што беа потребни да се вакцинираат 18.000.000 луѓе. Целата епидемија заврши со само 175 заразени и 35 смртни случаи, а малата сипаница беше избришана од Југославија за два месеца.

Единствените мерки што беа спроведени во тоа време, покрај вакцинацијата, беа забраната за патување од град во град и забрана за излез од државата без таканаречен жолт картон. Во Македонија, која има 13 пати помалку население од Југославија, здравствените власти не успеаја да се изборат со месеци со епидемијата на морбили, која ѝ претходеше на пандемијата на ковид 19.

Уште многу може да се каже и напише, но и овие ситни неколку работи покажуваат колку, не само што не сме напреднале, туку колку сме назадувале уништувајќи ги не само производствените капацитети и ресурси што ги имавме, туку и системот на функционирање, кој беше добро изграден и осмислен.

Одговорот на прашањата зошто сме назадувале, потонале под нивото што го имавме, зошто не знаеме да продолжиме од таму каде што претходникот застанал се наоѓа во мислата на Андриќ – затоа што сме дозволиле да дојде време кога паметните молчат, будалите говорат, а фукарите се богатат.

Поврзани новости