Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, во однос на критиките кон судството, рече дека не може да се исклучи фактот, дека во една судска постапка освен судија професионалец, учествуваат и судии поротници кои се претставници на граѓанскиот сектор со право на глас исто како и судијата. Тој својот став го сподели на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
– Оваа критика не ја доживувам како критика на судиите професионалци, односно ја доживувам на ист начин како и критика на самото општество, на граѓаните. Тие учествуваат во иста мера во носењето на судските одлуки, како и судиите професионалци, да не кажам дека нивното влијание е дури и поголемо, отколку на судиите професионалци. Така да оваа критика, апсолутно може да се разбере и како самокритика, рече Џолев.
Треба да трпиме критики и заслужуваме критики, посочи Џолев, но треба да се зборува и за успесите.
– Никаде не зборуваме за успесите. Во едно време на пандемија, која трае две години, во нашиот сосед Грција судовите се под клуч. За разлика од нив, кај нас се суди и инсистираме да дојдеме до правдата и да се завршат предметите. Во овој период се завршија голем број предмети. Никаде нема пофалба, и не е убаво сами да се фалиме, рече Џолев.
Тој ги повика медиумите и невладините да направат споредба, да видиме колку траат постапките во Франција, посочувајќи го случајот со „Шарли Ебдо“ од 2015 година и експресната пресуда за случајот „Двојник“ кај нас, каде се донесе експресна пресуда за случајот со пасошите.
Во однос на резултатите од анкетата на ИРИ, Џолев смета дека е добра вест, укажувајќи дека ако пред година сме зборувале за доверба од четири проценти на судот или обвинителството, а сега за над 20 проценти доверба, тоа значи дека се движиме во добар правец.
– Во едно целосно биполаризирнао општество добро е ако стигнете до 50 проценти доверба. Тоа е одлично и ние сме сега на половина пат, од она што јас би го нарекол одлично, рече Џолев.