Џолев нема коментар за клетвите на Панчевски, а за инцидентот со пендрекот отворена е дисциплинска постапка

by fokus

За клетвите на Владимир Панчевски, екс претседателот на Кривичниот суд, кои неодамна преку фејсбук ги упатуваше за сите оние кои пишувале за него, односно за истрагата за АКМИС-от, како и за инциденти поврзани со него, актуелниот претседател на судот Иван Џолев нема коментар. Тој на денешниот брифинг со новинарите, истакна дека за случајот надлежен е Судскиот совет.

-Секој одговара индивидуално и сноси своја одговорност, иако многу често има импликации и врз целиот суд. Не можам да превземам ништо, тука надлежен е Судскиот совет. Сепак за ова ќе дискутираме на колегиум и ќе се реагира соодветно, вели Џолев.

Тој додаде дека и за инцидентот во Одделението за прекршоци, каде што се случи вербална расправија меѓу Панчевски и Горан Стаменквски, вработен како раководител во Кривичниот суд, покрената е дисциплинска постапка за утврдување на вина, само за судскиот службеник, бидејќи за Панчевски и во овој случај надлежен бил Судскиот совет. Како што рече Џолев, изјава дале двајцата инволвирани и дактилографката која била очевидец на инцидентот.

Неодамна „Фокус“ пишуваше за овој инцидент, односно Панчевски тврдеше дека бил вербално нападнат на работното место, односно Стаменковски му се заканувал и го навредувал, а Стаменковски пак го обвини дека лаже и дека во неговата канцеларија влегол службено. Тој исто така тогаш обвини дека судијата Панчевски на бирото имал пендрек со кој не го удрил, но го истуркал надвор.

Инаку, Стаменковски го тужеше судијата за мобинг, додека Панчевски беше претседател на Кривичниот суд. Основниот суд Скопје 2 пресуди во корист на Стаменковски, односно потврди дека Панчевски му вршел мобинг. Сепак оваа пресуда не е правосилна, бидејќи Панчевски има право на жалба.

В.В.

Поврзани новости