Оценката на обвинителниот акт за организаторите на настаните од 27 април ќе се случи во брзо време, изјави денеска претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.
Посочи дека од страна на Кривичниот суд повеќе пати е определуван Совет за оценка на обвинението, но на закажаните претреси одбраната поднесувала барања за изземање на судиите и досега осум од вкупно девет судии во одделението за организиран криминал се изземени.
– Секогаш на закажаните претреси за оценка од страна на одбраната поднесувани се барања за изземање на судиите, на кои што судот позитивно одговараше. Тоа се причините поради кои досега не е оценето тоа обвинение. Секако и судската ферија допринесе малку подолго од очекувањата да трае тоа оценување на обвинението, изјави Џолев.
Посочи дека речиси цело одделение судии од организиран криминал по различни основи досега учествувале во првиот предмет „27 април“ и дека веројатно ќе се делегираат други судии кои што ќе постапуваат по новиот предмет за организаторите за 27 април.
– За многумина тој предмет е поврзан со организаторите, односно сметаат дека станува збор за ист кривично правен настан. Од таа причина судот претпазливо се однесуваше кон барањата за изземање и на крај се реши за да нема никакви сомнежи за пристрасноста на судиите да ги изземе судиите кои што учествувале по било каков основ во првиот предмет, за кој веќе имаме неправосилна пресуда. Тука се и други судии кои што учествувале во оценка на обвинението, изјави Џолев.
Прашан за тоа со каква динамика очекува да се одвива судењето за случајот „Рекет“, Џолев посочи дека динамиката не е нешто што зависи исклучитечно од судот.
– Главниот збор во однос на динамиката и подигнувањето на обвинение во овој момент го има обвинителството. Понатаму секако дека ние како суд ќе дадеме приоритет на овој предмет, исто како, и на сите други. Поради јавниот интерес на предметот, секако дека ќе настојуваме да има приоритет и судењата да се закажуваат почесто, изјави Џолев.
За тоа кога ќе се одлучува за притворот на Катица Јанева, Џолев рече дека се уште нема информација и кога ќе дојде такво барање ќе одлучуваат веднаш.
Прашан дали ќе се почитува одлуката на Уставниот суд во однос на казните на судијката Добрила Кацарска за адвокатите во случајот за 27 април, Џолев изрази надеж дека повеќе нема да има вакви одлуки.
– Се надевам дека нема повторно да има вакви одлуки од страна на Уставниот суд. Ние и во соопштението рековме, како Кривичен суд, дека не се согласуваме со таквата одлука, ја спориме дури и надлежноста. Секако, дека одлуката ќе ја почитуваме. Да оставиме времето да покаже што ќе се случува во иднина, изјави Џолев.