Кина денеска соопшти дека меѓусебната политичка доверба со Русија продолжува да се продлабочува откако заменик-министерот за надворешни работи Ма Жаосу ја посети земјата оваа недела и се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Кина е подготвена да соработува со Русија во спроведувањето на нивното стратешко партнерство и промовирањето на напредокот во нивните односи“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео, пак, утринава во интервју за Би-Би-Си изјави дека кинескиот претседател е поголема закана за светот од Путин.
-Џјинпинг планира да ги спроведе хегемонистичките намери во светот со својата марксистичко-ленинистичка визија и да воспостави кинеска економска и политичка доминација во секој дел од светот. Тоа е неговата злобна цел. Имаме обврска кон следната генерација да се спротивставиме – рече тој.
Помпео беше државен секретар меѓу 2018 и 2021 година за време на мандатот на Доналд Трамп. Според него, Путин немаше да ја нападне Украина доколку Трамп се уште беше претседател.
-Ние знаеме како да ги одвратиме нашите противници. Искрено, администрацијата на Трамп го стори тоа. За време на нашиот мандат, Путин не ја нападна Европа или Украина. Да, тоа е неиспровоциран напад врз Европа. Путин е единствениот одговорен за тоа. Но, овие работи не се случуваат во вакуум – рече Помпео.