Џими Поликарп: Ромите ме изневерија, но среќен сум што семејството секогаш ме гледа со исти очи!

by fokus

Нигериецот Симон Поликарп – Џими (60), кој беше кандидат за градоначалник на Штип од редовите на Интегра, на изборите кои се одржаа лани во декември, за ,,Фокус” раскажува дека по повеќе од четири месеци, откако не го освои мандатот, се уште е разочаран, но не се откажува од својата визија за подобар живот на граѓаните.

Неговиот противкандидат, Сашко Николов од СДСМ ја освои победата со 11.668 гласа, додека Џими заврши зад него, со освоени 1.198 гласа од граѓаните.
Појаснува дека поради тоа што над 20 години е активен со својата хуманитарна организација, која им помага на сиромашните, а посебно на Ромите, очекувал да добие голем број на гласови од нив.

-Со мојата фондација реновиравме училишта во рурални средини, на Ромско семејство во Прилеп дури му купивме и куќа. Имаме изградено Центар за лица со посебни потреби, дониравме возило за Специјалниот завод во Демир Капија. На многу сиромашни семејства сме им помогнале во изминатите години, таму каде општината не можела, ние веднаш сме притрчале на помош.
Ромите овде знаат што сум направил за нив, како за загрозени и маргинализирани граѓани кои живеат во тешки услови, затоа и ги очекував нивните гласови. Тие потфрлија, но не им се лутам. Таков народ се, гледаат која партија е побогата, од каде можат веднаш да бараат помош. Не гледаат долгорочно, туку од денес за утре, затоа и се случи ова. Јас кој со децении се борам за нив, останав без нивните гласови и масовна поддршка, но ги разбирам. И секако, продолжувам да им помагам на Ромските семејства кои ги има во голем број и кои живеат тежок живот – вели Џими.

Додава дека тешко му паднало тоа што не станал градоначалник на Штип, очекувал многу повеќе гласови, и жали што немало барем втор круг на гласање.

-Бев спремен да направам многу за жителите на општината. Ветив работи кои знаев дека доколку добијам шанса, ќе ги исполнам. Сакав да го направам Штип голема метропола, да се борам против сиромаштијата. Никој не сака да губи, не беше лесно да се доживее пораз, ама останувам активен во партијата. Немам сега некои големи политички амбиции, не би застанал на чело на партија, но ќе си работам во внатрешноста, со своите залагања за подобар живот на граѓаните-раскажува Поликарп.

Појаснува дека е среќен што неговото семејство, сопругата Билјана, синовите Адамс и Анџело, снаата Марија и внукот Јуниор Симон му се најголемата поддршка во животот.

-Фамилијата беше со мене за време на сите случувања поврзани со изборите, покрај мене се со голема поддршка и сега, кога не успеав да станам градоначалник. Тие мене со исти очи ме гледаат секогаш, и благословен сум што се мое семејство. За нив јас сум Џими, посветен татко, дедо, сопруг кој си ја сака безусловно својата жена и кој е столб на семејството. Знаат колку сум направил за народот во овие 20 години откако функционира хуманитарната организација, знаат каква душа имам и дека секогаш сум на страната на послабите и сиромашните. Нашата љубов и хармонија останува иста, без разлика на тоа која е мојата функција, дали сум само хуманист или пак голем јавен функционер. Затоа домот секогаш ни е исполнет со смеа и радост – изјави хуманитарецот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости