Кина и Северна Македонија во текот на изминатата година, заеднички промовираа размена и меѓусебна доверба. Цврсто верувам дека во постпандемиската ера постои огромен потенцијал на заемно корисна соработка меѓу нашите две земји, изјави амбасадорот на Народна Република Кина во земјава Џанг Ѕуо.
-Кинескиот претседател Си Џинпинг, заедно со тогашниот премиер Заев и лидерите на другите земји од централна и источна Европа, заеднички го поддржуваат успешното отворање на самитот Кина- ЦИЕ. Двете страни работат на идентификување на приоритетните области за соработка, така што прагматичните резултати од самитот можат да бидат од корист за двата наши народи, рече амбасадорот Ѕуо во обраќањето на приемот за медиумите по повод кинескиот пролетен фестивал.
Тој посочи дека онлајн и офлајн размената на сите нивоа меѓу нашите две земји стануваат сè поактивни. Во однос на соработката со Северна Македонија во делот на справувањето со Ковид-пандемијата тој посочи дека надминувајќи ги домашните тешкотии, Кина успеа да донира 100.000 дози вакцини и да обезбеди комерцијална набавка на 700.000 вакцини за Северна Македонија.
-Ефикасноста на кинеските вакцини е призаена на глобално ниво од Светската здравствена организација. Подготвени сме и за поголема соработка со земјата во иднина, порача кинескиот амбасадор Џанг Зуо на новинарско прашање.
Тој се осврна и на растот на трговската размена меѓу двете земји. Според статистичките податоци на кинеските власти, нагласи амбасадорот Џанг Ѕуо, билатералната трговија меѓу Кина и Северна Македонија во 2021 година пораснала за 56,7 проценти на годишно ниво, увозот на Кина од Северна Македонија пораснал за 66,03 проценти на годишно ниво, извозот на Кина во Северна Македонија пораснал за 43,22 проценти на годишно ниво.