Џамбазов за „Фокус“: Војната можеби избриша цела една генерација, турбо-фолкот ќе избрише поколенија

Полуанонимни пејачки во очите на сопствениците на дискотеките вредат петпати повеќе од најквалитетните македонски изведувачи

by Fokus

Македонскиот актер и шоумен, Игор Џамбазов пред неколку дена жестоко реагираше на социјалните мрежи кон сопствениците на локалите кои им даваат предност на изведувачите од Балканот, а се чини дека некогаш ги подзабораваат македонските пејачи.

На оваа тема, тој за „Фокус“ не го криеше разочарувањето, потенцирајќи дека турбо-фолкот може многу негативно да влијае врз младите.

„Медиумите им даваат многу простор на турбо-фолк изведувачи, па така прстенот што и го купил синот на таа и таа пејачка за да запроси некоја силиконска старлета, е секогаш поударна вест од новиот спот на Љубојна или концертот на Фолтин. Турбо-фолк. Најопасната појава на Балканот, после војната во бивша Југославија. Војната можеби избриша цела една генерација. Турбо-фолкот ќе избрише поколенија“, вели Џамбазов.

Како што додава тој, неговиот револт трае подолго време, а за да заработува во животот, Џамбазов вели дека ќе се снајде.

„Во последниве два месеца, откако ситуацијата полека се враќа во нормала, почнаа и концертите, свирките, фестивалите. Почнаа патувањата низ цела Македонија. И полека-полека сфатив дека ние, домашните животинчиња сме тотално маргинализирани во споредба со големите ѕверки од соседството. Да се разбереме. Тука никој не разговара за Цеца, Брена, Јеца, Аца, нив ги обожуваат милиони. А и заработуваат милиони. И ти можеш само да им симнеш капа. Овде зборуваме за полуанонимни пејачки, кои во очите на сопствениците на дискотеките или организаторите на фестивалите вредат петпати повеќе од најквалитетните македонски изведувачи.

 

А кога преговараат за мој настап се „ценкаат“ како на пазар за 200 или 300 евра пониска цена. “Ееее…многу беее…може малку пониско?“ Може пониско пријателе, ама ако клекнеш. Затоа и таа одлука да не соработувам со луѓе кои пластичните барбики од северот ги ценат повеќе од моите колеги и мене. Јас ќе преживеам некако без свирки и концерти, имам јас уште три-четири професии од кои заработувам. Но професионалните музичари живеат само и само од ова“, додава тој.

Сепак, се уште постојат локали кои им даваат предност на музичарите од Македонија, што е светло на крајот од тунелот.

„Чиста среќа е што не е секаде така. И што се уште има убави места во нашата Македонија каде што возбудата на публиката заради гостувањето на македонски музичари е поголема од било што. А тоа ми дава надеж и малку светлина во тунелот на кичот и шундот….се гледаме таму! Да свириме и пееме македонско“, го заврши разговорот шоуменот.

Фото – Еден на еден

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости