Браво Зоранe, одлично Заев! Станувате се повеќе политички агилни во вашите изјави за Бугарија! Ова, покрај другото, му го порачува бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на премиерот Зоран Заев, во навивачката порака на Фејсбук, по изјавите на актуелниот македонски премиер дека ќе се брише „бугарски“ пред фашистички окупатор во учебниците во Македонија.
– Браво, Зоран, одлично, Заев! Станувате се повеќе политички агилни во вашите изјави за Бугарија. Но, некако ми звучи како купопродажна зделка, во стилот на Тито. Немало да се променат учебниците по историја туку само „бугарскиот фашистички окупатор“ ќе се раздели со неговиот етнички тон. Генијално, Зоран Заев, ова ги решава сите проблеми на вашиот образовен систем! Нека останат вашите фалсификати, кражби на историјата, пишува Џамбаски.
Тој додава: „Наместо фашистички окупатори, вашите деца ќе учат за Бугарите дека тие се Монгол-Татари. Фер е, нема збор“.
Џамбаски натаму цинично забележува дека со исчезнувањето на зборот „бугарски“ ќе се решеле сите проблеми, и дека е време да се побара нешто за возврат.
– Сега Бугарија ќе мора сериозно да ги промени учебниците, бидејќи, гледате, во нив забележавте „одредени слабости“. И ние знаеме дека историската вистина е најголемата „слабост“ за вас и вашата слика. Денес, на Денот на независноста (се мисли на Бугарија), мора да биде многу јасно дека нема да ја смениме нашата историја за да му биде удобно на еден политички шмекер, продолжува Џамбаски.
На крајот од објавата Џамбаски иронично ја коментира изјавата на Заев дека „ќе има промени и во учебниците во Бугарија“:
– Нашата историја не се менува и не се продава затоа што ја зачувува нашата национална чест, му порача Џамбаски на Заев.