Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, за Алсат М изјави дека обвинувања на неговиот сопартиец Рафиз Алити за непочитување на партиските закони го покажуваат нивото на внатрепартиската демократија и не гледа дека е потребно да ги коментира таквите обвинувања.
-Една од вредностите кои ДУИ ги има инсталирано и промовирано на албанската политичка сцена во Македонија е слободниот збор, внатрешната дебата и вреднувањето на индивидуалните ставови на секој од партијата. Затоа оваа дебата треба да се гледа во овој дух, а не како раскол бидејќи во ДУИ не постои нешто такво, а тоа го докажаа сите овие години од нашето функционирање, рече Џафери.
Рафиз Алити вчера го обвини сопартиецот и вицепремиер Муса Џафери за непочитување на партиски ограноци и предупреди дека поради тоа можно е повторување на кумановското сценарио кога во партискиот огранок се случи убиство. Како ограноци во кои ситуацијата е најалармантна ги посочи Сарај и Студеничани.