На 5 или на 6 јули ќе биде закажана собраниската седница на која треба повторно да се гласа за Договорот со Грција за името, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Доколку по втор пат претседателот на државата не го потпише указот и, како што кажа, тоа помине во пракса, ќе се употреби исто решение и за Договорот, но и за Законот за употреба на јазиците. Едно од решенијата е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.
– Собранието ќе спроведе своја одлука во контекст на надлежностите што ги има како Собрание, и Собранието не може да ја попречи ниту една друга институција во контекст на одлуките што ги има донесено, рече Џафери.
Но, претседателот на Собранието остава простор Иванов да се премисли и да го потпише Договорот, во овој, како што наведе, историски момент за државата.
– Не сакам да прејудицирам за конечната одлука на претседателот Иванов, рече тој посочувајќи дека очекува одлуката на претседателот да рефлектира во контекст на денешниот датум кога Република Македонија и ние како нејзини граѓани добивме покана за НАТО.
– Во секој случај Собранието ќе ја заврши својата обврска поради фактот што првично претседателот искористи суспензивно вето на Законот за ратификација на Договорот со Грција и ние во текот на следната недела ќе го вратиме на гласање и во контекст на одредбите на Уставот ќе се постапи согласно резултатот од прегласувањето. Уште еднаш го повторувам повикот, Иванов да размисли и да рефлектира во контекстот на овој историски момент, рече Џафери.
Претседателот на Собранието рече дека сите кои имаат дилеми за законите можат да достават иницијативи до Уставниот суд.
Според Џафери, подобра вест за граѓаните на Република Македонија не можеше да има од поканата за членство во НАТО која денеска е соопштена на прес-конференција во седиштето на Алијансата во Брисел.
– Тоа е вреднување на трпението на граѓаните за сите овие години за да се постигне оваа очекувана покана. На нас како институции и на граѓаните преостанува делот од она што е по тој пат да го довршиме за да можеме да сметаме дека следната 2019 година да бидеме 30-та членка на НАТО, рече Џафери.
Рокот за предлози за членови на ДИК завршува денеска и доколку заседава Комисијата за избори и именувања, Џафери би можел да свика седница следната недела. Но тоа би можело да биде и на 17 јули.
– ДИК е резултат на одлука со консензус на политичките партии да ги вратат во Изборниот законик одредбите од модалитетот за членовите да се дава согласност од политичките партии. Тоа е работа на политичките партии и доколку имаат согласност за кандидатите што конкурираа на конкурсот. Комисијата за избори и именувања има обврска таа волја на политичките партии да ја спроведе во процедура и откако ќе добијам известување од Комисијата за избори и именувања има решение и да се свика седница во пократок рок од десет дена за да се избере ДИК или може да се чека редовната седница на 17 јули за да се избере Комисијата, вели Џафери.
Во однос на референдумот вели дека доколку се одржи на крајот на септември, тој мора да биде распишан на крајот на јули.
– Во однос на референдумот, по иницијатива онака како што е пропишано откако ќе се определи датум за референдум, роковите треба да се обезбедат во рамки на минимум 60 дена, максимум 90 дена од денот на донесување на одлука за референдум до денот на негово одржување, рече претседателот на Собранието.
За можните уставни измени кои би се случиле по позитивен исход од референдумот за договорот за името, Џафери вели дека треба да траат четири месеци. Ако тие започнат на почетокот на октомври, според претседателот на Собранието, може да се стигне до крајот на декември.