Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.
На денешната средба, како што информира собраниската прес-служба, Џафери ги потенцирал отворените и пријателски односи меѓу двете држави и ја нагласил потребата овие релации во иднина да зајакнуваат и да се интензивираат.
Џафери искажал благодарност до својот гостин за досегашната поддршка што ѝ ја дава Луксембург на Република Македонија на нејзиниот евроатлански пат, како и за поддршката кон земјите од целиот регион на Западниот Балкан. Тој ја потенцирал важноста на зајакнување на парламентарната соработка со Луксембург, како и потребата од интензивирање на севкупната соработка на сите нивоа.
Претседателот на Собранието на Република Македонија посебен акцент ставил на нашата подготвеност како држава да извлечеме поука од политичката криза и она што се случи на 27 април и го изразил своето уверување дека институциите имаат капацитет да ја овозможат правната разврска на овие, како што се наведува, несакани настани.
-Република Македонија ќе продолжи да опстојува на определбата кон НАТО и ЕУ и како претседател на Собранието ќе дадам свој придонес да одиме напред и да не се враќаме на минатото, нагласил Џафери.
Министерот за надворешни работи на Луксембург Аселборн изразил задоволство и благодарност од средбата со Џафери и му оддал признание за неговото досегашно успешно раководење со парламентот. Нагласил дека го видел и почувствувал ентузијазмот на новата македонска влада и изразил поддршка да се продолжи по тој пат.
Аселборн го потенцирал значењето на европските вредности, како што се владеењето на правото и слободата на медиумите. Го поддржал потпишувањето на договорот со Република Бугарија како позитивен чекор за нашата земја кој, како што се наведува, е во насока на зајакнување на регионалната соработка, што е важен и клучен аргумент за Брисел и ЕУ.