Сè додека јас сум прв помеѓу еднаквите, нема да дозволам да се случи некојси нов „црн понеделник“ или пак, да се случи 27 април 2017 година. Верувам дека сите ние извлековме поуки од овие настани, односно ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија, ниту функционални институции, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери за време на неговото обраќање на првата годишна конференција на Министерството за финансии по повод 26-годишнината од носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија на тема „Управување со јавните финансии и економски раст – комплементарни или спротивставени?“
-Кога зборуваме за улогата на Собранието, за жал, морам да ги споменам настаните од 24 декември 2012 година, настани познати во јавноста како црн понеделник, а беа, како што знаете, директно поврзани со донесувањето на буџетот. Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на Буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните – рече Џафери.
Тој додаде дека првиот буџет на Република Македонија е донесен пред 26 години. Ако сакаме да бидеме критични и објективни, посочи Џафери, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави.
-Сепак, за волја на вистината, мислам дека и кај власта, односно парламентарното мнозинство, а сакам да верувам и кај опозицијата, има позитивни промени во разбирањето и практикувањето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но исто така и во однос на надзорната улога врз трошењето на народните пари. Односно, парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно ви-за-ви извршната власт – истакна тој.