Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски е предложен за македонски амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Ова денеска одговарајќи на новинарско прашање го потврди претседателот на Собранието Талат Џафери.
-Имам добиено материјал, од Министерството за надворешни работи доставени се тезите на дотичното лице, се работи за професорот Љубомир Фрчкоски. Во соодветна процедура министерството ги достави тезите на кандидатот и истите веднаш се доставени до претседателот на комисијата за надворешни работи но досега не е свикана седницата. Таа е во надлежност на претседателот на комисијата за надворешни работи, кога ќе реши тој да ја свика, тогаш би требало да биде, рече Џафери.
Претседател на собраниската комисија за надворешни работи во која кандидатите за амбасадори треба да ги бранат тезите е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Фрчкоски е присутен на македонската политичка сцена од осамостојувањето на земјава во 1991 година. Од почетокот беше министер без ресор, а потоа во тогашната влада со која раководеше Бранко Црвенковски, беше министер за внатрешни, па за надворешни работи. Во 2009 година беше кандидат за претседател на државата предложен од тогаш опозициската СДСМ. На тие избори изгуби од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.