Џафери по една година од „крвавиот четврток“: Им простувам на сите, но не заборавам што се случи

by Фокус

После година дена влегувам овде и го имам истото она чувство и се присетувам на ситуација кога во еден момент треба да мислам за живот или смрт, ситуација кога маса граѓани насилно влегуваат, изјави спикерот Талат Џафери на денешното заедничко обраќање со премиерот Зоран Заев по повод една година од крвавите инциденти во парламентот.

-Чувството дека некој одвнатре тоа го прави е уште потешко. За жал, дознавме дека тоа одвнатре го прават наши колеги кои делат иста судбина и јадат ист леб. Дел од тие кои беа и се обврзани да ги обезбедуваат животот и работа на пратениците и на службениците во Собранието не беа на нивото на својата задача – рече Џафери.

Сепак, тој рече дека им простува на сите што на 27 април пред една година не биле на нивото на задачата, од кои некои се обвинети од страна на јавното обвинителство за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но, порача првиот човек на парламентот, нема да заборави што се случи.

-Јас можам да им простам на сите што не беа на ниво на задачата само заради тоа да паметат дека оттогаш и натаму никогаш и никој да не го повтори тоа. За разлика од тогаш, денеска вратите на Собранието се физички сами отворени за сите добронамерници кои сакаат да не посетат и да не упатат во она што треба да биде наша обврска – рече Џафери.

 

Поврзани новости