Заев го прими атинскиот градоначалник

by fokus

Чекорите на градење доверба, како што е денеска потпишаниот договор за соработка меѓу Скопје и Атина, се историски чекори на поставување мостови за соработка, што е од помош и за политичкиот процес што се води на меѓувладино ниво, се согласија на денешната средба премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис.

– Одговорни сме за иднината на сегашните, но и на идните генерации и треба да ги развиваме нашите пријателски односи. Скопје е најголем град во нашата држава, ќе биде од значење размената на искуства меѓу нашиот главен град и Атина во делот на позитивни практики на менаџирањето, рече премиерот Заев, соопштија од владината прес-служба.

Градоначалникот на Атина, Каминис, се наведува, изрази разбирање за евро-атлантските аспирации на државава. Тој додаде дека е отворен прозорец на можности за владите на двете земји да најдат решение за отвореното билатерално прашање.

– Грција е една од најстарите земји членки на НАТО и на ЕУ и мора да биде лидер во обезбедувањето евро-атлантска иднина за целиот регион. Работиме и на клучните реформски процеси, градиме едно општество за сите граѓани и ќе направиме се што е до нас, да биде најдено заеднички прифатливо решение. Во меѓувреме, добро е што постои политичка волја, ќе ја зајакнуваме довербата, меѓусебната соработка и добрососедските односи, додаде премиерот Заев.

На средбата, на која присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Владата на Република Македонија, Заев  и градоначалникот на Атина, Каминис се согласија и дека Балканот мора да остане стабилен и дека тоа е можно со чиста визија на лидерите и на владите, но и на другите политички субјекти во државите и општествени чинители, кон каде се оди, стои во соопштението.

Поврзани новости