Пленарната сала на Собранието е опремена со нова технологија и е целосно дигитализирана. Тој систем ќе биде промовиран по Нова година и се надевам дека изборот на нова влада ќе се одржи во пленарната сала, а не во салата Купола, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Штотуку се завршени работите во пленарната сала за нејзино опремување со техничка опрема. Таа е сега завршена. По празниците треба да следи фаза на тестирање на системот, којшто треба да дава материјал за е-Парламент и за веб-страницата. Така што, целосно тој систем ќе биде пуштен и промовиран по Нова година и се надевам дека изборот на нова влада ќе биде долу во пленарната сала и со новата опрема со која е сè дигитализирано. Значи постапките се дигитализирани, начинот на гласање и апсолутно комплетно материјалите ќе одат електронски. Тоа ќе зависи сега од тестирањето што ќе покаже, сепак, нов систем е. Треба сите да се вклопиме, првичните сознанија за функционирањето да ги имаме сите за да може целосно да се префрлиме на работа со новата технологија“, вели Џафери.
Собранието за време на пандемијата седниците ги одржуваше во Големата сала Купола, поради просторните услови кои ги нуди со цел запазување на мерките и протоколите за заштита од коронавирусот, а пребројувањето при гласање се одвиваше рачно бидејќи во неа нема инсталирано систем за гласање.