Во Грција поскапе кафето за носење поради пластичната амбалажа

by fokus

Поради воведувањето на специјалната такса за заштита на животната средина, што од денеска стапува во сила, кафето и било кој друг пијалак што е за носење и е во пластично пакување во Грција, ќе бидат поскапи за околу десет центи, јави дописничката на МИА од Атина.

За секој пластичен производ за еднократна употреба, како што се чаши, капаци за чаши, кутии и слично, предвиден е дополнителен данок од четири центи плус ДДВ, а се однесува на пијалаци, кафиња, но и храна за носење.

Според тоа, кафето за носење во пластична чаша со капак за една употреба, ќе биде поскапо за десет центи.

Од надлежното Министерство за животна средина на Грција соопштија дека целта на таксата е „да се промени растечкиот тренд во потрошувачката на пластични производи за еднократна употреба” и појаснија дека се однесува на производи за носење и готови за консумирање, а не се однесува на пијалаците и храната што се продаваат во маркетите и слично.

Специјалната еко-такса е вклучена во законот од 2020 година и од 1 јануари 2022 стапува во сила.

Поврзани новости