Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец, со кого разговарале за заедничката соработка.
На почетокот од средбата амбасадорот му врачи официјална честитка од претседателот на словенечкиот парламент на изборот на функцијата претседател на Собранието и изрази искрени очекувања дека досегашните високо развиени билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија ќе продолжат.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, заблагодарувајќи се на честитката, изрази уверување дека билатералните односи ќе продолжат во нагорна линија и тоа на сите полиња.
„Осврнувајќи се на немилите настани од 27 април и на актуелната состојба, претседателот Џафери истакна дека тој лично ќе се заложи за враќање на институционалниот интегритет на Собранието и на јакнење на довербата на граѓаните во оваа институција. Тој очекува претседателот на државата да ја исполни својата уставна обврска и да го даде мандатот на носителот на парламентарното мнозинство, со што ќе се отворат процесите за конституирање на собраниските тела, а со тоа и формирање на новата влада. После тоа, приоритет ќе бидат измените на Изборниот законик и продолжување на мандатот на сегашната локална самоуправа, до есента кога, се надева, ќе се одржат локални избори“, соопшти Кабинетот на Џафери.
Амбасадорот подвлече дека повеќедецениските односи на разбирање и пријателство помеѓу двете држави и блиските релации меѓу нашите граѓани, претставуваат голем капитал и инвестиција во иднината. Република Словенија и понатаму ќе ја дава својата јасна и силна поддршка на Република Македонија во процесите на евроатлантското интегрирање. Паралелно, ќе продолжат да се негуваат и развиваат парламентарната соработка и парламентарната дипломатија, како и економските и културните односи.
На крајот од средбата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека тој лично ќе го покани својот колега, претседателот на словенечкиот парламент да дојде во официјална посета на Република Македонија, со што ќе се даде значаен импулс, како во развојот на билатералните односи, така и во регионален и европски контекст.