Република Македонија уште од самиот почеток на своето осамостојување, јасно и недвосмислено го зацрта својот пат и ги определи своите стратешки приоритети. Еден од нив е полноправното членство во Европската унија и за тоа имаме несомнена поддршка од сите граѓани.
Ова денеска го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на одбележувањето на Денот на Европа-9 Mај, во организација на Институтот за меѓународни и политички студии и општина Чаир.
Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, нагласил дека иднината на нашата земја е во европското семејство, со изградени европски вредности, таму каде што и цивилизациски припаѓаме.
– Добивањето на најновиот позитивен и безусловен Извештај за напредокот на Република Македонија од Европската комисија, не само што е потврда и признавање на нашите досегашни напори, туку е и поголема обврска за удвојување на нашите ангажмани, затоа што само тогаш резултатите нема да изостанат. Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија е план за сите нас, план за кој што работиме, соработуваме и придонесуваме сите заедно, и Собранието, и Владата, и невладиниот сектор, а со усвојувањето на последните реформски закони, можам да кажам без двоумење дека и опозицијата го дава својот придонес за оваа реформска агенда, порачал Џафери.